BITOLSKO MARIOVO

МАРИОВО СТАРАВИНА КУЌАТА НА КАЛЕШ АНЃА

За Мариово

За потеклото на името Мариово постојат повеќе легенди. Едната од нив вели дека тоа го добило името по убавата Марија која, по долги натегања, заминала во харемот на турскиот бег и се жртвувала за да го спаси целиот крај од потурчување.Другата легенда говори за името Мориово, кое доаѓа од верувањето дека пред многу векови тука постоело море, за што сведочат многубројните карпи кои потсетуваат на школки.

Мариовскиот крај, кој плени со едноставната, но халуцинантно моќна природа, оставајќи тишина во сеќавањето по средбата со неа, крие тајни, легенди, но и културна оставина, кои викендов беа предмет на трибината посветена на културното и туристичко заживување на Мариово, одржана во селото Старавина, родното место на една од најголемите македонски народни хероини - Калеш Анѓа.

Една од многубројните локални легенди, можеби најинтересна, која ја нема во записите за нашето нематеријално културно наследство, е онаа за тревата што бега. Легендата за неа е своевидна реплика на волшебниот напиток од приказните кој им дава сила на јунаците да ги поминат искушенијата и премрежјата на личната иницијација. Растението, според мариовци, го добило името по карактеристиката да може да го скинат само одбрани луѓе. Од тревата што бега, која за неупатените изгледа сосема обично, се правеле амајлии кои штителе од зло. Нив ги носеле војниците низ сите војни кои го зафатиле Мариово, а многумина ја избегнале смртта благодарејќи на волшебното растение, раскажуваат селаните.

Според народното мислење, мариовците се досетливи луѓе, силни и инаетливи борци против неправдата. Зад ваквиот став стојат многу приказни низ историјата. Една од нив е легендата за Калеш Анѓа, овековечена во истоимениот роман на Стале Попов. Куќата од каде што потекнува најубавата и надалеку позната мома од селото се уште гордо стои на оригиналните темели во Старавина. Според преданието, преубавата Анѓа, несакајќи да се потурчи, била грабната и однесена кај турскиот бег во Прилеп. Жителите на мариовските села, обединети и разгневени од настанот, отишле во Прилеп и ја вратиле Анѓа дома. Потоа се засолниле во тврдината Пешта, која и денес се наѕира од селото, во која живееле под опсада цели десет години, се додека една баба не ги предала на Турците. Потоа, според приказната, Анѓа завршила во Истанбул. Таму таа го сретнала својот брат-близнак Анѓеле, го препознала по белегот на ногата и тој ја вратил назад во селото. Денес куќата во која живеела Калеш Анѓа се уште постои и е дел од зафатот на домашните и на странските залагачи за репарирање на културните споменици на Мариово. За жал, како што раскажуваат старавинци, сопствениците ја продале куќата за симболична сума. Така, потенцијалната туристичка дестинација, за која иницијаторите за културно заживување на овој крај се сигурни дека би привлекла многу туристи, е препуштена на исчезнувањето.

И од најпознатиот мариовец, итрецот Итар Пејо, кој, според непрецизните локални преданија сигурни во неговото постоење, живеел во селото Градешница, се останати само приказните и мудроштините. Од оваа мариовска хумористична икона и од марифетлуците врзани со него би се воодушевувале туристи од сите страни на светот, но, за жал, од него во Мариово нема никаков материјален спомен. Архитектот Гоце Аџи Митрески, во рамките на трибината одржана во Старавина, нагласи дека Мариово, меѓу другото, може да се протолкува и како музеј на Првата светска војна, бидејќи во целиот регион се пронајдени шлемови, катарки за вода и бункери каде што се засолнувале војниците. Потврда за некогашната интензивна комуникација на Мариово со светот е и римски пат „Виа Игнација“, кој поминувал низ овој предел.

Мариово има и прекрасни цркви и манастири. Во Градешница, на пример, има дури девет. Една од најстарите е црквата „Св. Димитрија“, која се смета дека потекнува од 14 век или од 15 век. Во Старавина постои и една црква која со досетливиот говор на мариовци е наречена „Магарешка црква“. Во минатиот век неа ја граделе Бугарите, но бидејќи населението не ги поддржувало во потфатот, црквата останала недовршена. Бидејќи таа станала засолниште за локалните магариња, така го добила и името.